Трошоците за СЈО се за стручните служби и за комуналии до престанокот на постоење на ова обвинителство, подобро е да се платат на време отколку по судски пат со камати, велат од Владата.
Од Владата потврдија дека поранешните вработени во СЈО ќе семаат плата до јуни.
Според објаснувањето од владината прес-службата, уредбата ги регулира прашањата согласно новиот Закон за јавно обвинителство ќе почне да се применува на 30 јуни годинава, кога СЈО ќе престане да постои.
Обвинителите кои работеа во СЈО веќе извесен период се вратени на работа во матичните обвинителства, додека во оваа институција во моментов работат само стручните служби, како што се јавнообвинителските службеници и техничкиот персонал кои имаат важечки договори, дознава „360 степани“.
„Исто така, постојат комунални трошоци за зградата во која е сместено СЈО. Сите овие трошоци, дали се за плати за стручните служби или за комуналии, се засновани врз важечки и валидни договори и истите мора да бидат подмирени. Граѓаните треба да знаат дека доколку државата си дозволи овие трошоци да бидат наплатени по судски пат, во тој случај средствата кои би биле платени од Буџетот би биле многу поголеми заради каматите, судските и адвокатските трошоци. Владата оцени дека порационална опција е обврската која во секој случај ќе биде платена од Буџетот, да биде платена надвор од судска постапка и со помало чинење за Буџетот“, велат од Владата.
„Со оглед на тоа што за овие лица кои се вработени во СЈО, немаше овластен потписник, истите не можеа да го остварат ниту правото на прекин на работниот однос, ниту пак да се вратат во институциите од кои беа преземени. Со оваа уредба се овозможува јавниот обвинител на Република Северна Македонија да може да одлучува за правата од работен однос за овие лица. И на крајот, со оваа уредба дадена е можност истражителите да бидат распределени во други јавни обвинителства или вратени во МВР или во други институции во кои се вработени со цел нивно продуктивно ангажирање“, појаснуваат од Владата.





