Поранешниот гигант „ФЕНИ“ пред банкрот – Колку должи овој загубар?!

Народски кажано – се бара „маж“ кој на дело ќе гарантира дека може и даде пари да ги превземе и плати сите долгови на „Еуроникел Индустрис“ поранешниот гигант „ФЕНИ“. Како што објави Фактор, тоа значи дека „фиљан човек“ треба да ги увери сите доверители дека може да исплати околу 100 милиони евра колку што се, веројатно, сите обврски и долгови на „Еуроникел Индустрис“ досега. Само така банката ќе прифати да не ја активира постапката за банкрот на ФЕНИ во која ќе останат без работа над 800 лица претежно од Тиквешијата. Е сега, чекаме да видиме дали ќе се појави „принцот на белиот коњ“ и ќе ја „бакне и разбуди од кома“ македонската „Снежана“.



Македонскиот гигант за топење никелова руда „Еуроникел Индустрис“ поранешниот ФЕНИ е во крајно незавидна состојба и се соочува со банкрот. Крајно е неизвесна судбината на повеќе од 800 вработени од тиквешкиот регион, а не им е лесно и на бројни добавувачи, деловни партнери и фирми соработнички на оваа голема компанија. Нејзиното влијание врз македонската економија е доволно да го илустрираме само со еден показател: во 2022 година нејзините приходи биле повисоки од 186 милиони евра! Тоа проанешниот ФЕНИ го прави најголема фирма во вардарскиот регион (Велес, Неготино, Кавадарци, Гевгелија) и една од 20 најголеми компании во Македонија.

Менаџментот на таа компанија во соопштението што го објави деновиве наведе дека паралелно течат преговори со потенцијални и заинтересирани превземачи на бизнисот, а во нив е вклучена банката што ги кредитира. За да биде појасна сликата да го дадеме контекстот за да одговориме на прашањето зошто е битна банката во соопштението?

Затоа што банката е изложена кон „Еуроникел“ со кредити кои се бројат во неколку десетици милиони евра, а чија наплата е особено неизвесна сега. А неизвесна е затоа што менаџментот во своето соопштение кажува дека освен што се соочува со неповолни пазарни односно берзански цени на никелот вели дека има сериозни проблеми и со својот снабдувач на никелова руда која неколку години наназад се преработува во топилницата на ФЕНИ од каде на светскиот пазар се продава нивниот никел и други легури кои се произведуваат во процесот на преработка на „Еуроникел индустрис“.