Олимпискиот вицешампион од Токио, таеквондистот Дејан Георгиевски, мораше да се задоволи со бронзен медал на 19. Медитерански игри во алжирскиот град Оран, откако поради стомачен вирус ја предаде полуфиналната борба со Ајуб Басел од Мароко.



Претходно, македонскиот знаменосец на свеченото отворање на Игрите смогна сили да слави со 20:18 во четвртфиналето во категоријата над 80 килограми против Ахмад Мохамед од Египет, откако на стартот беше слободен поради високиот ранкинг.

„Деки денес имаше исклучително силна дехидратација поради високо интензивен стомачен вирус. Му посакуваме брзо оздравување! Дејан Георгиевски во 2018 година освои сребрен медал од Медитеранските игри во Шпанија, овој пат бевме убедени дека ќе стане крал на Медитеранот, но со Божја помош златото ќе биде наше во 2026 на МИ во Италија. ЗА МАКЕДОНИЈА“, објави неговиот тренер Дарко Костовски.

Бронзата на Георгиевски е трет медал за Македонија на Игрите во Алжир по двата на борачите – златниот на Магомедгаџи Нуров и бронзениот на Владимир Егоров.