Водостојот на реките утрово во однос на просекот за јуни е зголемен тројно на реката Вардар кај Јегуновце, кај Велес и кај Демир Капија, како и на реката Пчиња кај Катлановска Бања, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.  



Зголемено ниво на водата се бележи и на реката Струмица кај Сушево и Ново Село, на Црна Река кај Новаци, на реката Лепенец, како и на Бабуна кај Богомила, пренесе МКД.Мк.

Во текот на изминатото деноноќие најмногу дожд наврна во Прилеп- 21 литар на метар квадратен.

Граѓанин го известил регионалниот Центар за управување со кризи во Прилеп за оштетување на коритото на „Дабнички канал“ на ул. „Кеј 19 –ти Септември“ наспроти објект – зграда 3 и е направена дупка што е проширена до работ со асфалтот од улицата.

На лице место веднаш е излезено од вработените во РЦУК Прилеп и е утврдено истото и дека тоа претставува опасност за непретпазливи минувачи и евентуално пропаѓање на асфалтот при минување на потешки возила.

Во кочанско поради локални врнежи во сливното подрачје на Кочанска река нејзиното ниво е зголемено и во атарот на селото Облешево е високо.

Нивото на Вардар кај тетовското село Раотинце е високо и не е променето од сношти.

Утринските мерења на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) покажуваат дека водостојот на реката Вардар во 07:30 часот бил највисок е во Демир Капија и изнесува 308 сантиметри. Високо ниво, утринава Вардар има и кај Јегуновце и тоа изнесува 216 сантиметри како и во Велес каде водостојот е 200 сантиметри. Според информациите од УХМР просечното ниво на Вардар за јуни во овие делови е од 123 сантиметри во Демир Капија до 74 во Јегуновце.

Според УХМР, нивото на водата расте и на Пчиња, Црна Река, Струмица и на други водотеци, а во текот на денешниот и утрешниот ден има тенденција и за зголемување на водостојот.