Ланецот супермаркети „Шпар“ од своите објекти во Швајцарија го повлече од продажба енергетскиот пијалак „Шчип кинг“ (во превод: Албански крал) поради албанскиот двоглав орел на пакувањето.
Швајцарскиот лист „Блик“ како причини ги наведува тоа што вкрстените раце во форма на двоглавиот орел од албанскиот грб и знаме можело да се толкува негативно и оти не е во согласност со неутралната политика, па и со самиот пазар на Швајцарија.
Пијалакот го осмислил Швајцарецот Маркус Брун од Луцерн, а логото со двоглавиот орел го заштитил два месеца пред натпреварот од Светското фудбалско првенство 2018 во Русија меѓу Швајцарија и Србија, кога швајцарските репрезентативци Џердан Шаќири и Гранит Џака го славеа победничкиот гол со симболот.
Брун успеал својот производ да го пласира во 25 продавници на „Шпар“ во регионите на Луцерн, Сент Гален и Цирих, но тој не им се допаднал на сите купувачи, па имало рекламации и централата на компанијата во Госау со интерно писмо наредила да се отстрани пијалакот.
„Рацете склопени во симболот на двоглавиот орел потсетуваат на славењето со таков гест на швајцарските репрезентативци со албанско потекло на мечот против Србија 2018, кога дојде до големи немири и потоа до предупредување и парични казни за играчите од страна на ФИФА. Оттогаш таму тој гест е забранет“, објаснува „Шпар“ во своето соопштение.
Компанијата потоа нагласува дека, поради тоа што гестот со двоглавиот орел и понатаму содржи „конфликтен потенцијал“, делува провоцирачки и води до недоразбирања, донесена е одлука производот веднаш да се отстрани од нејзините продавници.
„Тој производ беше на полиците само во пет франшизи, и тоа кратко време. Бидејќи симболиката на производот е негативна и не придонесува за неутралноста, за еднаквоста и за обединувањето на сите, производот е отстранет“, додаваат од „Шпар“.






