„Црн петок“ или само мачкање очи? Попустите кај нас иако секоја година се погласно се најавуваат, не се ни малку слични на оние од Америка, каде граѓаните буквално се тепаат да купат поевтино. Кај нас на продавниците само пишува „Сè на половина цена“, „Намалување од 20%, 30, до 70%“, „Шопинг лудило“, ама од тоа нема ништо, реагираат потрошувачите.

Во трговските центри попусти има на сите модни брендови кои се движат од 20 до 50, а некаде и до 70 отсто, во зависност од актуелноста на производите и „староста“ на колекциите. Во некои продавници каде што има примамливи попусти цените се многу високи. Всушност на 70 отсто попуст се само неколку парчиња облека или неколку модели на патики кои се од постарата колекција и чии цени реално се многу високи. Меѓутоа и со вака високи попусти многу македонски граѓани не можат да си дозволат да купат брендирана гардероба или бела техника и други производи од некој поскап производител.
Black Friday класично е хаотичен ден, но не и во Македонија, каде наместо да фрчат попусти на сите страни, маркетингот е пуштен на најако. Кај нас, светскиот тренд на големи попусти по повод Black Friday, никако не може да се спореди со светот, зашто евентуалното намалување ни малку не е реално, велат купувачите.

За разлика од минатата година, но и таа пред неа, годинава нема големо раздвижување во трговските центри. Онаму каде има, граѓаните излегуваа со рацете в џеб, наместо со полни торби. Граѓаните реагираат и дека не само годинава, туку лани попустите биле лажни и само и трговците ги прелепувале цените, при што кај некои производи првичните цени биле пониски од оние намалените. Ова го потврдуваат и од Организацијата на потрошувачи, од каде што велат дека трговците често прават маркетиншки трикови за „блек фрајдеј“.
– Во изминатите години често се ставаше само процентот на намалувањето и потрошувачите не знаат која била претходната цена. Често се случува во некои продавници да има попуст од 70 отсто, и само неколку парчиња да бидат со тој попуст, но не и сите производи. И покрај тоа што има попусти за „блек фрајдеј“, сепак, тие не се толку високи како во САД и во Европа – велат од Организацијата на потрошувачи на Македонија.





