Лидерот на грчката партија за заштита на човековите права, ПБДНЈ и пратеник во албанскиот Парламент, Вангел Дуле, во изјава за медиумите изрази резервираност за пописните резултати, пред сè за веродостојноста на податоците за националните малцинства.
Дуле нагласи дека за пописот немало ангажирани попишувачи од малцинствата, што условило етничката припадност да ја пишуваат како што тие сакаат или воопшто да не ја наведуваат, додавајќи дека „сериозните прекршувања водат до неуспех на овој процес“.
Пописниот формулар содржи 100 прашања, при што за три од нив, етничка и верска припадност и мајчин јазик, одговорот е незадолжителен, пренесува МИА.
Дуле го изнесе и незадоволството од процентот на реализација на обврските од страна на Владата, предвидени со законот за заштита на малцинствата.
„Нашата земја ја потпиша конвенцијата за заштита на малцинствата во 1995 година, а потоа ја ратификуваше. Сè уште има изразени недостатоци кои го отежнуваат спроведувањето на правата на припадниците на националните малцинства. Во време кога законот за малцинства беше изгласан во Собранието во 2017 година, ветувањето беше дека до мај 2018 година ќе бидат спроведени обврските предвидени со законот, но за жал, Владата се уште нема реализирано некои од нив, кои се од специфично значење“, рече Дуле.
Пописот на населението во Албанија почна на 18 септември и предвидено е да заврши на 30 овој месец.






