Помошта во случај на смрт на пензионер е намалена за 5.000 денари

Сојузот на здруженијата на пензионерите објави дека почнувајќи од февруари, средствата што се доделуваат од солидарниот фонд – посмртна помош, попознати како посмртнина, се намалуваат за 5.000 денари, односно од 30.000 на 25.000.



Оваа одлука е објавена во „Службен весник“, а образложението е дека нема доволно средства бидејќи бројот на починати пензионери расте поради пандемијата на ковид 19.

Во овој момент, информираат од Сојузот, за исплата чекаат над 4.100 лица, а времето на чекање е околу четири месеци.

Во објавата се додава дека разликата од 5.000 денари ќе може да се подигне дури кога ќе се соберат доволно средства во Солидарниот фонд.

Истовремено, има и одлука за зголемување на задршката од пензиите за Солидарниот фонд од 140 на 150 денари.