Приближно два милиона евра од државата побарале помилуваните за 27 април, за адвокатските трошоци што ги направиле за време на судењето, трошоци за одржаните рочишта, за поднесоците и другите адвокатски услуги.
Тие сметаат дека државата треба да им ги покрие овие давцачки бидејќи за обвинетите е запрена кривичната постапка, пишува А1.он.
Сумите, како што дознава „А1 он“, се движат до стотина илјади евра од адвокат.
Според Законот за кривичната постапка, кога ќе запре постапката или кога ќе биде донесена пресуда со која обвинетиот се ослободува од обвинението или, пак, со која се одбива обвинението, трошоците на обвинетите и наградата на адвокатите се на товар на буџетот на државата.
Судијката од одделението за организиран кримиинал и корупција при Основниот кривичен суд, Добрила Кацарска, која го судеше предметот, за „А1 он“ потврди дека такви барања од адвокатите стигнале, но дека таа трипати досега им го одбивала барањата.
Помилувани за 27 април беа 15 лица, меѓу кои и пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски. Амнестија добија и водачите на движењето „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, алијас Бетмен Велит, режисерот Борис Дамовски, актерот Владо Јовановски…
Од 18 неамнестирани обвинети за организираниот насилен напад во Собранието на 27 април 2017, на вкупно 211 години затвор беа осудени 16. Игор Дурловски доби ослободителна пресуда, а за обвинетиот Сашо Марковски се води одвоена постапка поради болест.





