Полска ќе бара воена отштета од 1.300 милијарди долари од Германија, за неа „тоа прашање е одамна затворено“

Полските лидери дадоа нова проценка за штетата што земјата ја претрпела од Германија за време на Втората светска војна, дефинирајќи ја на 6,2 трилиони злоти (1,32 трилиони долари).



На вчерашното одбележување 83 години од почетокот на војната, лидерот на владејачката националистичка партија Право и правда (ПиС), Јарослав Качински, го објави извештајот за трошоците што Полска ги претрпела за време на годините на нацистичка окупација.

„Ние не само што го подготвивме извештајот, туку ја донесовме и одлуката за понатамошните чекори“, рече Качински за време на презентацијата на извештајот, најавувајќи дека Варшава има намера официјално да побара репарации од Германија, што тој го опиша како „долг и тежок пат“.

Тој додаде дека Варшава верува оти Германија е способна да ја плати сметката и инсистираше на тоа дека потегот ќе послужи за „вистинско полско-германско помирување“, кое ќе се заснова на „вистината“. Качински, исто така, посочи дека сегашната проценка на штетите можеби не е конечна.

„Збирот што беше претставен е усвоен со најограничен, конзервативен метод, можно е да се зголеми“, рече Качински.

Полските пратеници претходно ја проценија штетата претрпена за време на Втората светска војна на 850 милијарди долари во 2019 година, и додека PiS постојано бараше компензација од Германија откако ја презеде власта во 2015 година, Полска никогаш претходно официјално не побара репарации.

Германското Министерство за надворешни работи одговори на барањето на Качински, наведувајќи дека ставот на Берлин е непоколеблив и оти го смета прашањето за репарации одамна затворено.

Берлин тврди дека Полска ги повлекла барањата за репарации додека сè уште била дел од советскиот блок и оти Берлин веќе им исплатил компензација на членовите на блокот во годините по војната, како и дека изгубените полски територии биле компензирани со некои германски земји од пред војната.

Сепак, Качински тврди дека „Германија никогаш навистина не одговарала за своите злосторства против Полска“, укажувајќи на фактот дека Германците обвинети за воени злосторства живееле неказнето во Германија по војната.

Се проценува дека околу 6 милиони Полјаци, меѓу кои и три милиони полски Евреи, биле убиени од нацистичка Германија за време на Втората светска војна, додека голем дел од индустријата, инфраструктурата и културата на нацијата претрпеле огромни загуби за време на шестгодишниот конфликт.