Полни усти ЕУ, полни раце вета, време е за македонствување кон Бугарија – пишува Свето Тоевски

Министерот за правда Бојан Маричиќ изјави за словенечко „Дело“ дека „спорот со Бугарија треба да се реши низ призмата на европските вредности.“ Многу македонски политичари, а особено овие од владејачката коалиција, катадневно повторуваат како папагали се едно исто: „Европа, Европска Унија, датум, датум!“. Ним им се полни устите со „Европа“, арно ама и рацете им се полни со вета и блокади! Дали навистина Маричиќ знае кои се тие „европски вредности“?



Ќе потсетиме: во „Консолидираната верзија на Договорот за Европската унија / Наслов I: Заеднички одредби“ од 2007 година Европската унија изјавува дека „основните вредности на ЕУ се … човечкото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеење на правото и човековите права.“ Колку е блиску, или колку е далеку Македонија од овие основни европски вредности? Колку во „нашата земја на северот“ (не) се почитуваат шесте основни европски вредности? Дали Македонија е „оаза на демократијата и владеењето на правото“, дали во неа се почитуваат човечкото достоинство, слободата и основното човеково право на Македонецот да каже дека е Македонец, а не „коса црта“? А колку самата Европска Унија ги почитува своите темелни вредности во случајот со Македонија и Бугарија, или колку таа ги погазува?

Најновата изјава на министерот за надворешни работи Бујар Османи е дека „првата меѓувладина конференција со ЕУ би можела да се одржи и на 31 декември, ако Бугарија дотогаш го тргне ветото, во спротивно, спорот може да премине во замрзнат конфликт, а северна да стане изолирана во европерспективите.“ Но, дали таа конференција би можела да се одржи на 31 декември 2022 година, или на 1.јуни 2023, или…? А знае ли шефот на македонската дипломатија дека и во изминатите сто и повеќе години Бугарија ги имала како и денес истите овие негаторски ставови кон Македонија и македонската нација? Дека тој „замрзнат конфликт“, што го споменува Османи, е, всушност, конфликтот на Бугарија најпрвин со вистината за македонската етнојазична засебност? Умее ли да согледа Османи дека тој „замрзнат конфликт“ нема да се разреши ниту во следните сто години, бидејќи Бугарија не го признава и не го прифаќа постоењето на македонската засебност на Балканот?

Потпретседателот на Владата Артан Груби кажа дека „во најконструктивна можна форма се испратени одговорите на сите барања на Бугарија и се чека новите власти, претседателот Радев, новата Влада, и тие да му пристапат на дијалогот околу овие прашања на конструктивен начин, за да се постигне решение, кое ќе ни го отвори патот кон Европската унија“. Груби споменува дека „кај нас постои готовност за компромис кој е достоен за нашата земја“. Но, ниту Османи, ниту Груби немаат никакво право да испраќаат „удобни одговори“ за Бугарија, нив никој од македонскиот народ не ги овластил баш тие да му ја „кројат“ судбината на Македонецот, во негово име да составуваат некаквиси „достоинствени компромиси“ со Бугарите. И Заев и Груби и Османи, целата оваа Влада е целосно делегитимирана на локалните избори, таа повеќе нема никаков легитимитет, ниту мандат да го дораспродаде она што преостанало од Македонија.

Обинувајќи за „велепредавство, за изневерување на македонските принципи, за самоукинување, за работење против државните интереси“, обвинувајќи и за „распаѓање на Македонија по сите основи, за демакедонизирана Македонија“, претседателот на Македонската академија на науки и уметности Љупчо Коцарев во својата најнова колумна ќе предупреди: „Каква ќе биде ползата од пристапувањето во ЕУ, ако ја загубиме нашата душа, ако ги загубиме македонскиот јазик, нашата историја, колективна меморија, нашите културни и идентитетски атрибути?“ Ниту на Османи, ниту на Груби, а најмалку на Зоран Заев, не им е грижа за Македонија, ниту за Македонците. Тие се раководат, пред се, од уважувањето на бугарската позиција, без оглед какви катастрофални последици може да произлезат од тоа за македонската нација.

Затоа, по конгресот ВМРО ДПМНЕ и неговиот најверојатен нов лидер Христијан Мицковски ќе мораат веднаш да ги пресретнат сите најнови веќе подготвени обиди за ново демакедонизирање на Македонија по желбата на Бугарија, со сите расположливи средства на парламентарната и политичка борба да спречат потпишување нов договор со оваа држава. ВМРО ДПМНЕ најави нова доктрина по овој партиски конгрес. Водечката македонска опозициска партија треба да има предвид дека таа нејзина доктрина треба да се засновува врз единствената доктрина, која мора да се вгради во позицијата наспроти Бугарија – доктрината на македонизмот.

Во 1925 година во „Самоопределението на Македонците“ Крсте Мисирков кажа јасно кој е основниот постулат на македонизмот: „Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од се’ друго на светов. Беззаветна и безгранична љубов кон Македонија, постојано мислење и работење за интересите на Македонија и полн конзерватизам во пројавите на македонскиот национален дух: јазикот, народната поезија, наравите, обичаите…“ Преземајќи ги сите активности наспроти Бугарија, ВМРО ДПМНЕ треба само да се потпре врз овој постулат, својата доктрина целосно да ја укрепи врз тоа „постојано мислење и работење за интересите на Македонија“. Великиот македонски поет Гане Тодоровски пееше за „Македонска Македонија“ во своите стихови, велејќи во врска со своето човечко битисување дека тој „македонствува“. Оттука, време е да се примени доктрината на македонизмот, време е за македонствување кон Бугарија! Тоа значи прекин на какви било натамошни преговори за самоукинување со Бугарија, расформирање на понижувачката „Историска комисија“. Во име на што, заради што да се откажеме од својата историја, од своето македонско „јас“, да ги расфрламе низ бриселските беспаќа и низ улиците на Софија? Заради внатрешно гнилежната Европа?