Полни контејнери – сметот во Скопје не се собира – Мазнева тврди добива закани по живот

Денеска и во наредните денови отпадоците од улиците нема да се собираат, а контејнерите за отпад се преполни.



Причина е протестот на група вработени во Комунална хигиена кои во петокот пред полноќ прекинаа со работа. Се жалат на отпуштањето на голем број вработени и деградации од страна на актуелните раководители на претпријатието.

„Барањата беа да се зголемат платите, да ни се платат патните трошоци и храна и да се подобрат условите за работа, од камиони до корпи за отпад, немаме услови. Директорката вчера попладне донесе одлука пред крајот на работното време, го избрка синдикалниот од работа и многу други колеги. Првиот човек на синдикатот на Комунална хигиена Дели Дардишта, кој е вработен 35 години и е прв човек на синдикатот на Комунална хигиена“, изјави Реџеп Мифтари, работник во Комунална хигиена.

„Ни се закануваат како да сме затвореници овде, отпушта луѓе без воопшто да ги праша, таква диктатура нема ни во затворите“, нагласи вработен во Комунална хигиена.

КОНТЕЈНЕРИТЕ ПОЛНИ, ЃУБРЕТО ВО СКОПЈЕ НЕ СЕ СОБИРА, МАЗНЕВА ВЕЛИ ДЕКА БЛОКАДИ ПРАВАТ ВРАБОТЕНИ ВО КОМУНАЛНА ХИГИЕНА КОИ СЕ ДЕЛ ОД ПОДЗЕМЈЕТО(Фото: К.Попов)

Директорката Косана Мазнева-Николиќ денеска свика прес-конференција на која рече дека група од подземјето, контролирана од политичка партија, намерно прави блокада на претпријатието и со тоа го загрозува здравјето на граѓаните. Заради тоа што сред лето не се собира ѓубрето и групата им се заканува и на другите вработени да не излегуваат да чистат, поднесени се соодветни постапки и пријави до Министерството за внатрешни работи и Јавно обвинителство.

Мазнева-Николиќ рече дека поднела пријава до МВР за загрозување на здравјето на граѓаните.

„Нема да дозволам другите вработени да бидат жртви на уцени на ова добро познато подземје. ‘Комуналан хигиена‘ не е политичка партија ниту е приватна фирма, туку јавно претпријатие и нема да дозволам ни еден политички центар да ја контролира работата. Овие лица кои ја блокираат работата не се членови на синдикатот, ниту се вработени. Тие се тука како партиска логистика која има цел да се заканува и да ја блокира работата. Незадоволството е затоа што донесов одлука за сменско работење и сите вработени треба да ротираат во три смени. Тоа е спротивно на праксата која била со години само одредени лица да работат во трета смета и да добиваат бенефиции за тоа. Најголем дел од нив не се појавувале на работа и не ги извршувале своите обврски. Затоа што ставив крај на таквата пракса овие лица сега организираат блокада, а имаат други работни места и бизниси“, рече Мазнева-Николиќ на денашната прес-конференција.

Косана Мазнева раководи со Комунална хигиена од јули 2022 година. На оваа функција таа го замени Зуди Кока, кого градоначалничката Данела Арсовска го разреши од функцијата по инцидентот на плоштадот Скендербег. Протести во Комунална хигиена имаше и во ноември 2022 година откако Мазнева не им ги продолжи договорите за работа на 112 лица.