Aмериканските разузнавачки служби се обидуваат да ги следат подготовките на Русија за можен нуклеарен напад на територијата на Украина но упатени извори велат дека тоа нема да биде лесно, објави „„Политико



Петмина поранешни и сегашни функционери на САД велат дека САД сега го засилуваат разузнавањето за да се обидат да дознаат кои точно дејствија на руската војска или пораките што тие ги разменуваат може да укажуваат на одлуката на Путин да изврши нуклеарен напад.
Но, тие стравуваат дека таквото предупредување може да дојде до Вашингтон предоцна.

Главната тешкотија во обидот да се предвиди употребата на тактичко (но не и стратешко) нуклеарно оружје е тоа што доколку Путин или неговите команданти не сакаат светот однапред да ги знае нивните намери, САД можеби никогаш нема да дознаат кога Русија ќе премине од конвенционално оружје на атомски бомби.

САД посветуваат особено внимание на Калининград, руска енклава каде Русија има инсталирано суперсонични ракети и системи кои можат да се користат и во конвенционални и во нуклеарни напади.

„Американските воени команданти и разузнавачки експерти се надеваат дека првиот знак за намерата на Русија да употреби нуклеарно оружје во Украина нема да биде нуклеарна печурка“, пишува Политико.

Русија има 23 типа оружје способно да носи и конвенционални и нуклеарни боеви глави, рече еден извор, а многу од нив веќе се користат во Украина, како што се ракетите Искандер.