„Политико“: Кошмарна е перспективата за прием на нови членки во ЕУ – Лисабонскиот договор е „отпорен“ на проширување

Воинственото однесување на Владимир Путин ги принуди лидерите на ЕУ да направат сопствени чекори за проширување. Сега се во тек чекори за доведување дури 8 нови членки во блокот од 27 држави. Но, историскиот стремеж кон проширувањето има свои опасности за ЕУ. Додавањето нови држави —  можеби и Украина — би ја отворило Пандорината кутија со предизвици. Би биле потребни сеопфатни внатрешни реформи, а тоа веројатно би предизвикало години со отровни судири меѓу постојните членки на ЕУ.“ – нагласуваат д-р Сузан Линч, странски дописник на „Политико“ и Николас Винокур, уредник во „Политико“, во својата анализа со наслов „Путин сака повеќе земја. ЕУ се трка прва да стигне таму“, која ја објави овој глобален информативен медиум со седиште во Брисел за ЕУ и нејзините политики.



Во анализата пишува: Проширувањето на ЕУ е повторно на дневниот ред за високите функционери на ЕУ, вклучувајќи ја и претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лаен, но планираното проширување ќе донесе нови опасности за блокот. „Проширувањето не е бирократски потфат. Станува збор за извоз на одреден модел на слободни, отворени западни демократии.“ – изјави еден анонимен европски дипломат. Се очекува проширувањето да биде тема на говорот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен за состојбата на ЕУ на 13 септември. Министрите за европски прашања од земјите-членки на блокот би требало да се позанимаваат со ова прашање на крајот на октомври, тврдат двајца високи дипломати на ЕУ, кои исто така сакаа да останат анонимни.

Се чини дека и Германија и Франција сега сериозно се занимаваат со ова прашање. Шолц претходно повика Европа да се „прошири“, а оптимистички тонови има и од Париз, каде што министерот за Европа Лоренс Бун рече дека ЕУ треба да испрати јасна порака до земјите-кандидати. Едно од многу важните прашања е прашањето за роковите. Претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел предложи новите членки да бидат прифатени до 2030 година. Францускиот претседател Емануел Макрон ја поддржува идејата за етапно проширување, според кое земјите кандидати прво би добиле пристап до единствениот пазар, а дури потоа ќе станат полноправни членки на ЕУ.

Кошмарна перспектива за проширување на ЕУ

Австрискиот дипломат Александар Шаленберг предложи на земјите-кандидати да им биде дозволено да заземат место како набљудувачи во Политичкиот и безбедносен комитет на ЕУ – тело со седиште во Брисел каде што се донесуваат длуките за надворешната политика. „Наместо едноставно да им се испратиме декларација на ЕУ, или заеднички насоки за надворешната и безбедносната политика, барајќи од нив да ги потпишат, ние сакаме новите членки да го усвојат нашиот начин на размислување и да ја преземат својата улога во одлучувањето“ – нагласи Шаленберг.

Настојувањето за проширување на ЕУ е првиот чекор во таа насока, откако блокот ја прифати Хрватска во 2013 година. Сепак, разговорот за прием на Турција заврши со решително „не“ за Анкара, што во 2011 година го изрече тогашниот француски претседател Никола Саркози. Ако сакаат проширување, лидерите на ЕУ ќе треба да се справат со големи тешкотии. Дебатата меѓу европските членки најверојатно ќе биде жестока, со оглед на погодноста на поодделни земји. На пример, корупцијата во Украина предизвикува голема загриженост, а тука е и кошмарната перспектива на реформите на процесот на донесување одлуки во ЕУ.

Откако Мишел го одреди датумот за прием во 2030 година, портпаролот на Европската комисија изјави дека процесот на пристапување треба да биде „заснован на заслуги“. Комисијата треба да ги претстави извештаите за напредокот на одделни земји, иако висок дипломат на ЕУ рече дека процесот ќе биде одложен, поради прашањето за кандидатурата на Украина.

Лисабонскиот договор е „отпорен“ на проширување

Внатрешните реформи на ЕУ вклучуваат редизајн на долгорочниот буџет на блокот, како и промени во процесот на донесување одлуки, што би овозможило одлучувањето да се биде врз основа на таканареченото „квалификувано мнозинство“. „Сега гледаме дека сегашната рамка, без разлика дали се работи за буџетот, или за постапките за одлучување, не е погодна за Европа од околу 30 земји-членки. Понекогаш е многу тешко да се донесе одлука дури и со 27 членки.“ – укажа португалскиот министер за европски прашања Тиаго Антунес.

Големото проширување во ЕУ би го подвижило центарот на Унијата на исток и би довело до разводнување на влијанието на Франција и Германија. Но, промената на основните договори на ЕУ е тежок процес, кој бара референдуми во земјите-членки. „Немаме мнозинство во Европскиот совет за промена на договорот. Правната служба на Советот веќе со месеци предупредува дека Лисабонскиот договор е отпорен на проширување“, изјави неименуван дипломат на ЕУ. Дебатата за проширувањето треба да продолжи во наредните месеци, вклучително и на следниот состанок на Европската политичка заедница на земји надвор од блокот, што ќе се одржи на 5 октомври во Шпанија.