И покрај објавите во дел од медиумите дека неделава Комисијата за заразни болести ќе ја разгледа можноста за ограничување на движењето во ноќните часови, од 21 до 5 часот наутро, министерот за здравство уверува дека мерките кои досега се преземени ќе дадат резултат.
Засега не се размислува за воведување на полициски час, ниту викенд карантин, вели министерот за здравство Венко Филипче.
„За сега сметаме дека овие мерки се сосем доволни, еве и оваа дополнителна рестрикција за забрана за групирање. Во следниот период ако се почитува ќе даде соодветни резултати“, рече министерот.
Од денеска на сила забрана за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор, која ќе важи за целиот ден. Мерката има за цел да го ограничи групирањето во градските паркови каде традиционално се собираат големи групи на млади луѓе.
Но, таа нема да важи за зелените пазари и јавниот превоз каде според надлежните веќе имало протоколи за работа.





