Полицијата не го пушта „Конвојот на слободата“ во Париз

Полицијата соопшти дека запрела 500 возила кои се обидувале да влезат во Париз во саботата во протестот „Конвој за слобода“ против ограничувањата на Ковид-19. Возилата биле пресретнати на три влезни точки во француската престолнина и биле поделени повеќе од 150 казни, јави Франс 24.



Оклопни возила на жандармеријата  се распоредени на улиците на главниот град за прв пат по протестите на „Жолтите елеци“ кон крајот на 2018 година, откако утрово илјадници противници на епидемиoлошките мерки воведени во борбата против пандемијата на ковид-19 стигнаа во предградијата на Париз.

Речиси 7.200 полицајци и жандарми „ќе бидат распоредени во следните три дена за да спроведат забрана за минување на колони возила“, соопшти париската полиција, информираат медиуми.

„Отсекогаш сме го задржувале правото на протести, но ни треба хармонија и зедничка добра волја“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон апелирајќи на смиреност.

Премиерот Жан Катекс вети дека ќе истрае во спречувањето на блокадата на градот.

„Ако го блокираат сообраќајот или ако се обидат да го блокираат главниот град, ние мора да бидеме многу цврсти во врска со тоа“, изјави тој на телевизијата „Франс 2“.

Париската полиција забрани собири поради „нарушување на јавниот ред“ и соопшти дека демонстрантите кои се обидуваат да ги блокираат патиштата ќе бидат казнети или уапсени.