Директорот на затворот, Филип Андов поведе постапка за утврдување одговорност за двајца полицајци од затворска полиција коине ги испочитувале протоколите на затворот „Скопје“ во Шутка при вчерашното ослободување на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.



Уште синоќа биле преземени низа постапки, а неофицијално, прегледувани се дури и снимките од надзорните камери.

Андов за „А1он“ вели дека е утврдена одговорност затоа што службеник на Затворот истурка новинарски екипи и ги попречи во работата во моментот кога Мијалков го напушташе затворот.

„Ќе се поведе дисциплинска постапка за двајца службеници од затворска полиција поради не почитување на протоколите за спроведување на притворено/осудено лице до предно стражарско место капија односно рампа. Потврдено дека протоколот е прекршен и се постапувало вон истиот“, посочи Андов за „А1он“.

Затворските полицајци не смееле да ја напуштат капијата на затворот и дека нивната надлежност за спровод на Мијалков завршила кога тој ја напуштил затворската капија. Односно, затворските полицајци немаат право да ги носат притворениците до приватен автомобил надвор од затворската капија, ниту пак, да преземаат било какви службени дејства надвор од кругот на затворот.