Повикот за интерес на изведувачи кои ќе ја градат втората фаза од 10,5 километри од автопатот Скопје – Блаце ќе трае најмалку половина година. Јавното претпријатиуе „Државни патишта“ го објави на 13 јули, а рокот за пријавување, како последно, е поместен за 10 јануари 2024. Од „Државни патишта“ не одговараат дали досега се пријавиле воопшто одредени компании, а од она што го велат за „Фактор“ е тоа дека поместувањата на роковите се на иницијатива на финансиерот – Европската банка за обнова и развој.

„Рокот е продолжен по барање на ЕБОР согласно со нивните потреби. ЈПДП е согласно и мора да ги спроведе во целост нивните барања“, гласи одговорот кој го добивме од јавното претпријатие. На прашањето кога ќе биде избрана и објавена најдобрата понуда, од таму единствено одговорија „Во најбрз можен рок“.
Повикот првично беше отворен до 21 август годинава, а потоа неколку пати се продолжуваше. Објавата е достапна на веб-страницата на Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова и развој, од која за проектот е обезбеден заем во износ од 167 милиони евра, а 20,8 милиони евра грант се на располагање преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Автопатот Скопје-Блаце е во вкупна должина од 12,5 километри, а од мај 2020 година на терен се одвиваат активности за првата фаза, во должина од 2,5 километри и требаше да биде готов до август 2021 година и да чини 17 милиони евра. Бидејќи работите не беа завршени, во јануари 2023 година беше потпишан нов договор со скопски „Гранит“, за завршување на изградбата, вреден 11 милиони евра и краен рок до почетокот на 2026 година.





