Погубна македонска недораснатост

Во ООН, претседателот Пендаровски учествуваше на Генералното собрание (ГС). Во таа прилика, тој ја одликува светската организација – „за големата помош и поддршка на ОН при справувањето со последиците од катастрофалниот скопски земјотрес…“.



При предавањето на одликувањето, на генералниот секретар, Гутерес – „Пендаровски се заблагодарил за посветеноста на ОН во нашата земја…“. Просто да не веруваш. Одликуваме по 60 години, што е само по себе чиста глупост и бесмислица, а забораваме дека токму ОН, пред 30 години, при приемот во членство, ни имаат донесено нелегална смртна пресуда!

Зарем Пендаровски не се сеќава дека при приемот на нашата земја во ОН, не само на крајно нелегален, туку и на агресивен начин, нашето барање прво беше долго држано во фиока, за потоа да ни постават ултиматум, спротивен на Повелбата (Уставот) на организацијата! На најбезобразен начин, ни беше порачано дека не можеме да станеме членка со нашето историско и уставно име!

Без никаква основа, надвор од сите принципи и правила, силеџиски ни го суспендираа името од меѓународна употреба, ни наметнаа референца, како некаков код под кој ќе не водат, и не присилија да преговараме за нашето име! А, името на државата, во принцип, го симболизира националниот идентитет на народот – Франција, Французи; Кина, Кинези; Уругвај, Уругвајци; Конго, Конгоанци… Практично, ОН забранија во земјава да има Македонци! Целта беше неспорна и туѓа – разнебитување на македонскиот народ. Тоа не беше ниту случајно, ниту заради краткотрајни ефекти. Беше сценарио на единствената супер сила, коешто упорно се спроведува до денес, заради нејзините регионални интереси.

Тоа се веројатно најголемиот срам, злоупотреба и манипулација  коишто ги „оствариле“ ОН во својата историја. За нас, пак, тоа е коренот на сите наши последователни голготи, коишто и не доведоа на ова дереџе.

И, сега, замислете, Пендаровски го одликува џелатот на Македонија и на македонскиот народ. Ако веќе тој не ги разбира работите, зарем нема никој асолен и во неговиот кабинет? Зарем е можна ваква невидена глупост?

Во САД, Пендаровски го одликувал и Дејвид Л. Калхун, главен извршен директор на Боинг – “за неговиот особен и посветен придонес во развојот и унапредувањето на македонско – американските стратешки и деловни односи и за економскиот напредок на нашата земја“. Човекот е недвосмислено важна светска бизнис ѕверка, ама сте чуле ли вие за него? Јас не. Да имаше такви заслуги, сите ќе го знаевме. Тоа е секако нечии интерес, ама не и на Македонија. Или, тој делува тајно?

А бројни личности, коишто навистина имаат заслуги за оваа земја, остануваат заборавени. Ќе го спомнеме само првиот германски амбасадор во земјава, Ханс Лотар – Штепан. Има и многу други.

Во својот говор на ГС, пак, место да ги брани државните интереси, да ги критикува нелегалните и шовинистички потези на ОН кон Македонија, и негирањата на македонизмот од Софија, Брисел…, Пендаровски зборувал за војната во Украина, за климатските промени, за реформи на ООН…!? А во име на Македонија, треба и мора да зборува за нашите проблеми и да бара поддршка.

Таму беше и претседателот на Србија, Вучиќ. Како одговорен политичар, тој не ги коментирал видовите на комарци на Балканот туку грмел околу дволичноста во политиката, дека сите што извршиле агресија врз Србија и насилно го отцепиле Косово, сега го бранат територијалниот интегритет на Украина! Жестоко ги осудил двојните стандарди и барал рамноправно почитување на меѓународното право. Очигледно, Србија не е ничии сателит ниту протекторат.

Таму беше и Еди Рама, премиерот на Албанија, којашто месецов претседава со СБ на ООН, како непостојана членка. И Рама отворено ги бранел албанските интереси и влегувал во расправија дури и со рускиот амбасадор.

На состанокот на СБ, Рама го поканил и Бујар Османи, како претседавач на ОБСЕ, за што немало издржана основа. Го поканил само затоа што е – Албанец! Браво, Рама! За разлика од нашиве аматери, албанските интереси секогаш му се апсолутен приоритет.

Целата колумна на Ристо Никовски за Плусинфо на следниот линк:

https://plusinfo.mk/pogubna-makedonska-nedorasnatost/