Јавното обвинителство отвори предмет за спорниот тендер за набавка на радарски систем. Предметот е отворен по допрен глас веднаш по објавувањето на аудио снимка на руска социјална мрежа на која се слуша и гласот на секретарот на Владата, Драги Рашковски



„По реакциите во јавноста во кои обвинителството се повикува да го расветли случајот со спорниот тендер за набавка на радарски систем, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја известува јавноста дека веднаш по објавената аудио-снимка е отворен предмет по допрен глас“.

Кон предметот е споена и кривичната пријава поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, а во август јавен обвинител издаде наредба до МВР за прибирање на севкупната документација за предметот. По извршената темелна анализа ќе се донесе  јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката, се вели во соопштението.

Скандалот изби откако беше објавена снимка на која се слуша како Генералниот секретар Рашковски договара детали за проектот вреден над 7 милиони евра и изборот на италијанската фирма Леонардо.

 Рашковски тврдеше дека изборот на фирмата го направил и потпишал Живко Попоски, татко на екс министерот Никола Попоски, но дека имало пречки и сопки договорот да се реализира. Потпишувањето било опструирано од разрешениот технички директор на МНАВ Климент Чепуњовски.

Рашковски најави дека и тој ќе поднесе кривични пријави против одредeнеи лица.