Почнува зимската школа на Меѓународниот семинар: Македонскиот јазик, литература и култура се дел од културното наследство на светот

„Во годината на големите јубилеи на великаните: 150 години од раѓањето на Крсте Мисирков, 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски и 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, но и во годината кога Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје одбележува 75 години од основањето, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура ќе ја отвори својата четврта зимска школа денес, 22 јануари 2024 година во 10 часот (на далечина, на платформата Зум).“ – ова е објавено на фејсбук-профилот на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.



Во објавата се истакнува: Со свои поздравни зборови ќе се обратат проф. д-р Биљана Ангелова, ректор на УКИМ, проф. д-р Александар Скепаровски, проректор за меѓународна соработка на УКИМ и проф. д-р Кристина Николовска, директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Потоа проф. д-р Димитар Пандев ќе одржи пленарно предавање на тема Учењето на Свети Климент Охридски од неговото време до денес“.

Пред стартот на оваа зимска школа, проф. д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова, која ќе биде еден од предавачите, им порача на семинаристите, кои ќе ги следат предавањата во школата, но и на пошироката општествена и научна јавност во Македонија: Се радуваме на можноста, како професори, да покажеме дека сме достојни наследници на светиот влог на нашите предци, пренесувајќи го своето знаење за македонската книжевност и култура како дел од светското културно наследство. Проучувањето на македонската културна традиција е исклучителна задача, но и предизвик за сите оние, коишто сакаат вистински да спознаат што значи да се пее и да се живее во автентичниот македонски седумосмински такт.

Писателот и член на Македонската академија на науки и уметности Влада Урошевиќ, кој ќе учествува во оваа зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, во својата објава на фејсбук укажува: Ние, македонските писатели, пишуваме за релативно мал круг можни читатели. Но и покрај тие ограничувачки услови, ние, македонските писатели, успеавме да развиеме литературен јазик и дејност, не чувствувајќи комплекс на помала вредност пред големите јазици и големите литератури. Кај нас последниве години на годишен конкурс за најдобар роман се натпреваруваат триесетина  книги.

Имаме исклучително богата преведувачка дејност – на македонски јазик се преведени огромен број најзначајни дела од светската. Нашата наука за книжевност го следи тој  развој со успех. Македонскиот писател денес не се чувствува затворен во тесните рамки на својот јазичен простор. Тој е сѐ повеќе граѓанин на светот. Она што Рацин пред сто години го сонуваше  низ стихот ‘куќа цел свет’ станува  наша реалност.