Во Собранието денеска ќе се одржи првата седница на Анкетната комисија за случајот во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија.
Претседателката на Анкетната комисија Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ вчера во изјава за медиумите информираше дека согласно одлуката, комисијата ќе биде надлежна за утврдување на хронологијата на настаните и околностите во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, дали со скандалот се загрозени основите човекови права на пациентите кои се лекувале, политичката одговорност, како и изготвување заклучоци и препораки кои ќе имаат за цел да поведат постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции и спречување понатамошна злоупотреба, но и системски подобрувања на дефектите во оваа Клиника и целокупниот здравствен систем.
Доколку Анкетната комисија одлучи, како што кажа таа, на разговор ќе бидат повикани сите релевантни институци и функционери, пренесе МИА.
На почетокот на септември беше извршен претрес на Клиниката за онкологија и во два приватни стана од каде беа одземени компјутери и документација по наводите во новинарски текстови за злоупотреба на лекови наменети за пациенти болни од рак.
Премиерот Димитар Ковачевски тогаш во изјава за медиумите рече дека ќе бидат санкционирани сите оние кои го прекршиле законот, но, апелираше да не се напаѓаат сите здравствени работници.
Пациенти болни од рак секој понеделник протестираат барајќи случајот да се истражи докрај.






