Почнаа преговорите со компанијата МСД, која го произведува лекот „молнупиравир“, соопшти Министерството за здравство.
Но, од Здравство не наведоа детали колкаво количество од овој лек ќе се набави, колку ќе чини и кога ќе стаса, како и кога ќе биде одобрен за употреба во земјава и како ќе им се препишува на заболените. Оттаму само велат дека навремено ќе информираат за новостите околу набавката на лекот.
Лекот „молнупиравир“ е во форма на таблета и може да го примаат сите пациенти кои се позитивни на ковид-19 во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот.
Таблетата, која ќе се продава под името „лагеврио“, ќе им се дава на луѓето два пати неделно по позитивен тест за ковид. Лекот делува така што го спречува реплицирањето на вирусот и на тој начин ја намалува сериозноста на инфекцијата. MHRA укажува дека лекот треба да се земе што е можно поскоро по позитивен тест во првите пет дена.
Досегашните клинички испитувања покажуваат дека хоспитализацијата со овој лек е намалена за 50 отсто.





