Во струшкиот суд започна судењето за случајот со професорот од струшката гимназија “Ибрахим Темо” кој со железен боксирач му ја раскрвари главата на ученик пред околу еден месец.
Професорот пред судијата се бранеше дека мајката на ученикот, која е всушност негова колешка прва ја започнала расправијата, а тој во кавгата ненамерно го удрил нејзиниот син кој е ученик во истата гимназија.
Со боксирачот замавнал за да го исплаши ученикот. Претходно според кажувањата на вработените од гимназијата професорот бил агресивен и кон учениците и колегите години наназад, а против него се водат и неколку дисциплински постапки.
Одбраната на професорот, кој во декември со метален боксирач нападна ученик во струшкото средно училиште „Ибрахим Темо“, на денешното судско рочиште побара укинување на мерката притвор. Адвокатот Сеад Мена смета дека не биле исполнети објективните елементи на кривичното дело насилство.
– Има контрадикторни докази, особено исказите на сведоците и на оштетениот и спротивно на обвинителството, одбраната бара обвинетиот да биде ослободен од ова кривично дело. Кривично дело има, тоа е телесна повреда, но таа се гони со приватна тужба, не по службена должност. Затоа побаравме притворот да му биде укинат и сметам дека судот ќе донесе правилна одлука, изјави Мена.
По инцидентот, ученикот со повреди на глава бил примен на Хирушкото одделение во струшката општа болница.





