Утрово започна гласањето на предвремените, десети по ред парламентарни избори во Македонија.
Партиите синоќа ги одржаа завршните собири и претставувања наизборните програми, а од полноќ стапи предизборен молк.
Поради епидемијата на коронавирусот, гласањето на изборите ќе се одвива три дена и тоа во работни денови.
Денеска во своите домови и во присуство на посебни избирачки одбори гласаат лицата кои се позитивни на коронавирус и оние кои се во изолација – вкупно 716 лица позитивни на коронавирусот или во самоизолација во вкупно 57 општини во државата.
Утре, 14 јули ќе гласаат болните, немоќните, хронично болните, лицата во затворите, во старските домови и во домашен притвор. Според ДИК, прифатени се барањата на 8.852 лица кои согласно упатството на Комисијата поднеле соодветна медицинска документација за да докажат дека имаат потреба од гласање во сопствениот дом. На минатите избори пријавени за гласање биле 3.540 болни и немоќни лица.
Во среда, на 15 јули,гласањето ќе започне од 7 часоти ќе трае до 21 часот.
Право на глас имаат 1.814.263 лица кои, според сопствено убедување ќе може да се изјаснат за 1.578 кандидати од 15 партии и коалиции.




