Еден од најдобрите македонски виолинисти, вокален изведувач и професор Зоран Џорлев почина на 53-годишна возраст.
Неофицијално, тој веќе некое време се лекувал од Ковид-19, но ја загубил битката со болеста на скопските клиники.
Роден во Струмица на 10 јануари 1967 година, синот на композиторот на народна музика Наско Џорлев и брат на пејачката Софија Џорлева како дете почнал да свири на труба, хармоника и гитара. Во 1977 година се префрлил на виолина, откако претходно во музичкото училиште бил одреден да свири на пијано, зашто „немал предиспозиции за виолина“. Во 1989 година дипломирал виолина на Факултетот за музичка уметност.
Џорлев е познат по обработките и изведувањето на македонски народни и забавни композиции, како и на филмски, џез, етно теми.
Беше професор по виолина, а еден период и директор на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје.
Во јануари 2011 година беше назначен за директор на ансамблот за народни игри и песни „Танец“, каде што остана до август 2017 година.






