Почина уште еден потписник на Охридскиот Рамковен договор

Џејмс Вилијам Пердју, поранешен амбасадор на САД во администрациите на Клинтон и Буш и службеник за разузнавање на американската армија, починал во средата во САД.



За македонската јавност Пердју ќе остане запаметен како еден од потписниците на Охридскиот договор во август 2001 година.

Тој беше еден од седумте луѓе што ставија свој потпис на договорот со кој заврши конфликтот во Македонија.

Покрај американскиот дипломат свои потписи на Охридскиот договор во 2002 ставија и:

Борис Трајковски
Љубчо Георгиевски
Бранко Црвенковски
Арбен Џафери
Имер Имери
Франсоа Леотар

Освен Пердју од потписниците досега починаа Трајковски, Џафери и Имери.

Пердју имаше 77 години. Причината за смртта сеуште не е достапна за јавноста според американски медиуми.

По дипломирањето, тој поминал 28 години како воен разузнавач, постигнувајќи го чинот полковник.

Тој им служеше на претседатели на САД од различни политички партии.

Претседателот Бил Клинтон, демократ, го именуваше Пердју за американски претставник за воена стабилизација на Балканот со ранг на амбасадор во Стејт департментот во 1997 година.

Претседателот Џорџ Буш сениор инаку републиканец, го назначи Пердју за амбасадор на САД во Бугарија во 2002 година. Пердју служеше на таа позиција до 2005 година.

Пердју според неговата официјална биографија во Стејт департментот беше американски преговарач за Рамковниот договор во Македонија во 2001 година; служеше како заменик-специјален советник на претседателот и државен секретар за демократија на Балканот за време на конфликтот во Косово и последователната имплементација на мирот од 1999-2001 година; ја режираше Програмата за воена помош и опрема за Босна од 1996 до 1999 година; и го претставуваше секретарот за одбрана во преговарачкиот тим на САД што го склучи Дејтонскиот мировен договор со кој се стави крај на војната во Босна.