Министерството за здравство соопшти дека почина 27-годишната родилка од Куманово заболена од коронавирус, која на 30 март роди недоносено машко новорoденче, негативно на вирусот.
Еден ден подоцна од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје таа била префрлена на Инфективната клиника поради влошена клиничката слика и отежнато дишење. Но, и покрај напорите на лекарите, брзиот и агресивен развој на болеста бил фатален.
Клиниката за гинeкологија и акушерство информира дека бебето е во добра состојба, сè уште е на интензивна нега и под постојан надзор на тимот од Клиниката.
Кумановската родилка е 30. жртва на Ковид-19 во Македонија од првиот регистриран случај на заразен со коронавирус на крајот од февруари.
Денеска од оваа болест на скопската Клиника за инфективни и фебрилни состојби почина и 73-годишен маж од Куманово. Во својот стан во Кавадарци, пак, е пронајдено починато лице на возраст од 44 години, кај кое постмртно е потврдено присуство на вирусот.
Од Клиниката се отпуштени пет оздравени пациенти.
Во изминатите 24 часа во Македонија се регистрирани 18 новозаразени од Ковид-19, со што вкупната бројка порасна на 617, а излечени се 37 лица.





