Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, почина во текот на изминатата ноќ, во Авијано, Италија. Портпаролот на ЕП, Роберто Куиљо на Твитер напиша дека Сасоли починал во центар за онкологија во регионот Фриули Венеција. 65-годишниот Сасоли во болницата престојувал повеќе од две недели „поради тешки компликации настанати поради проблеми со имунолошкиот систем“.
Сасоли во септември во болница се лекуваше од воспаление на белите дробови, по што неколку недели не ги извршуваше обврските како претседател на ЕП. Претходно има прележано и леукемија.
Социјалдемократот Сасоли го презеде претседавањето со Европскиот парламент по европските избори во 2019 година. Веќе имаше најавено дека нема да се кандидира за уште еден мандат. Според наводи од ЕП, европските пратеници наредната недела во Стразбур треба да изберат негов наследник или наследничка.
Сасоли беше роден во Тоскана на 30 мај 1956 година. Дојче веле







