Почина последниот обвинител во Нирнбершкиот процес против нацистичките злосторници

Бенјамин Ференц, еден од главните обвинители на Нирнбершкиот процес, судењата на нацистичките злосторници по Втората светска војна, почина на 103-годишна возраст.



Меѓу обвинетите имало и четворица команданти на специјалната нацистичка полициска формација СС, која убила беспомошни жени, мажи и деца на окупираните територии источно од Германија.

Тој почина во петокот во старечки дом во американската сојузна држава Флорида, објавија вчера американските медиуми, повикувајќи се на неговиот син Дон Ференц.

Ференц е роден во 1920 година во романската провинција Трансилванија во семејство на православни Евреи, а со родителите емигрирал во САД кога бил дете.

Тој израснал во скромни околности во Њујорк, а подоцна студирал на Правниот факултет на Харвард.

Пред да влезе во историјата како обвинител, како американски војник бил присутен на ослободувањето на неколку концентрациони логори, кои ги разоткриле ужасните нацистички злосторства.

Тој немал ни 30 години кога водел постапка против нацистичките воени злосторници во германскиот град Нирнберг.

По Втората светска војна, на крајот на ноември 1945 година, победничките сојузници го започнале судењето на највисоките функционери на нацистичкиот режим во градот Нирнберг, кое Адолф Хитлер имал намера да го направи центар на својот Трет Рајх.

Меѓу обвинетите се и заменикот на Хитлер Рудолф Хес и шефот на германското воздухопловство Херман Геринг.

Главниот претрес заврши по речиси една година со 12 смртни пресуди.

По главниот претрес, во периодот меѓу 1946 и 1949 година во Нирнберг се одржаа т.н. последователни судења.