Почина новинарот Ристо Поповски

По кратко боледување синоќа почина новинарот Ристо Поповски (1945 – 2018), еден  од најпознатите новинари во Македонија и на Балканот, основач на првата приватна новинска агенција во Македонија, Макфакс и еден од иницијаторите за формирање на медиумската платформа на ЦИВИЛ – Центар за слобода.



Во богатата новинарска кариера, Поповски, беше уредник на Танјуг, една од најмоќната светски новински агенции. Работел за Радио Скопје од 1965 година како волонтер, а од 1970 година се ангажира и професионално.

Од 1974 година до 1992 година е во новинската агенција Танјуг, најпрво како новинар, а потоа и како шеф на Македонската редакција . Бил дописник во Москва во време на историските промени на почетокот на деведесетите години.

Во 1992 година ја основаше независната новинска агенција Макфакс. Беше коментатор на неделникот Глобус и дневниот весник Слободен печат, а до последен момент од својот живот беше коментатор од Македонија за Ал Џезеира Балканс.