Легендата на хрватскиот и на ексјугословенскиот ракомет и тренер на Подравка, Златан Сарачевиќ, почина на 59 години од срцев удар во болницата во Копривница.
На популарниот Златко му се слошило по првенственото дерби со загрепска Локомотива, во кое неговата Подравка славеше со 32:29 и направи голем чекор кон нова титула.
Тој еуфорично ја славел победата на своите ракометарки, но потоа му се слошило и веднаш бил пренесен в болница, каде што и починал и покрај напорите на лекарите да му го спасат животот.
Сарачевиќ е роден на 5 јули 1961 година во Бања Лука и со репрезентацијата на СФРЈ стана светски првак во 1986 година во Швајцарија, а освои и бронзен медал на Олимпијадата 1988 во Сеул.
Во дресот на хрватската репрезентација беше олимписки шампион во Атланта 1996, светски вицешампион во Исланд 1995 и освојувач на бронза на Европското првенство 1994 во Португалија.
Со Загреб беше европски клупски првак во 1992 и 1993 година, а со Веспрем вицешампион на Европа во 2002 година.
Како тренер ги водеше екипите на Замет, Њиреѓхаза, Челик, Дубровник, Загреб и Подравка.






