Почина Борис Џепароски, македонски уметник од Германија и вљубеник во Македонија

На 47 години, во Германија ненадејно почина македонскиот уметник Борис Џепароски, кој го привлече вниманието со своите дела направени со резбање дрво со моторна пила и со инсистирањето во секоја пригода и во тамошните медиуми дека е Македонец од Македонија, за кој пишуваше и expres.mk во јуни минатата година.



„Секој си ја слави Македонија на свој начин. Признај се сам и ќе те признае светот. Биди свој. Ние Македонците сме гранки на тоа македонско дрво на вечноста, дрво со здрав корен и стебло. Некои се плодови, а за штета некои само паразити. Секој ќе се најде каде припаѓа. Горд сум што сум Македонец, а велат гордоста било грев, па знам, јас го прифаќам, тоа е добар грев. Грев со кој ние Македонците ќе го спасиме дрвото од паразитите. Сè е минливо, Македонија вечна!“, ќе порача охриѓанецот при една промоција лани.

Својата љубов кон Македонија тој ја изрази и со аплицирање на сонцето од Кутлеш на покривот од својата куќа во Германија. Познат е по своите скулптури од дрво на Исус и „Македонија – Феникс“ поставени во германското гратче Дорнхан каде што живееше, на Св. Наум поставена во 2006 година во истоимениот манастирски комплекс во Охрид, потоа по гитарата од камен поставена покрај гробот на Тоше Проески во Крушево итн.