Поарно директор на државна фирма отколку премиер

Директори на некои државни претпријатија, па макар и загубари, имаат дури и двојно повисока плата од премиерот или претседателот на државата. Ако фирмата има успех, ќе си поделат и бонуси, ако оди во загуба, владата ќе им го покрие долгот.



Претседателот на државата, пратениците во Собранието и министрите во Владата имаат месечна плата од околу 1500 евра. Тоа е трипати повеќе од просечната плата во земјата која изнесува околу 500 евра. Работник, пак, кој има минимална плата од 18 илјади денари, ќе треба да работи повеќе од 5 месеци за да заработи колку овие функционери за еден месец. Но, тие не се најплатените функционери во државата. Директори на државни фирми земаат и двојно повисоки плати од луѓето со најголема моќ и одговорност во државата.

поред законот за плати на избрани и именувани лица, тројцата функционери од државниот врв имаат најголем коефициент од 4,5 за пресметка на плата. За пресметка на бруто плата се зема основица, која со закон е пресметана на 26.755, се множи со 4,5 и на таа сума се додаваат годините стаж, односно колку поголем стаж имаат, толку и платата им е поголема.

Пресметка на плата на претседателот на државата:

Нето платата на претседателот Стево Пендаровски изнаесува 92.941 денари, велат од Кабинетот на претседателот за Радио Слободна Европа. Основицата на платата е зголемена за 18 отсто по основ на минат труд (36 години стаж). Во бруто износ, претседателската плата изнесува 142.070 денари.

Основица: 4,5 х 26.755,00 МКД = 120.398,00 мкд
Минат труд: 18% од 120.398,00 мкд = 21.672.00 мкд
Вкупно бруто: 142.070,00 мкд
Вкупно придонеси: 49.129,00 мкд
Нето за исплата: 92.941,00 мкд

Според податоците објавени на владиниот веб сајт, премиерот Димитар Ковачевски зема плата од 88.260 денари со 23 години стаж. По него следи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со плата од 86.324 денари, но во неговата плата се пресметани и 20 отсто за извршување на функцијата. Вицепремиерите земаат плата од околу 69 илјади до 73 илјади, во зависност од вкупниот работен стаж. Од останатите министри, најниска плата од речиси 66 илјади денари има министерот за животна средина Насер Нуредини, оти имал само две години стаж минат труд, а највисока од 76.252 денари има министерот за правда Никола Тупанчески со минат стаж од 34 години.

Претседателот на државата и премиерот со своите плати може да наполнат речиси две потрошувачки кошници што ги пресметува Сојузот на синдикатите (ССМ). Потрошувачката кошница за едно четиричлено семејство за октомври, според ССМ изнесува 51.514 денари, што значи дека се потреби речиси три минимални плати од 18 илјади денари за да се задоволат основните потреби на едно семејство.

Извор: РСЕ.МК