По првичните 186 Македонија примила барање за прием на нов контингент бегалци

Министерот за надворешни работи информира дека од американската организација Национален демократски институт е стигнато барање за привремено сместување на дополнителни 200 цивили, покрај бројката од 186 граѓани од Авганистан за привремено прифаќање во земјава, за која извести Владата.



Османи објаснува дека станува збор, пред сѐ, за жени и деца на активисти вработени во НДИ во Авганистан.

Според министерот списоците за прифат ги третираат надлежните служби, МНР, МВР и согласно на тоа ќе се одговори на тие барања.

“Во однос на цивилите од Авганистан за коишто државата се понуди да прими привремено дел од нив во државата, вчера известивме преку Влада, дека за одредена бројка за којашто има барање од страна на меѓународнни агенции и организации, пред се тоа се активисти за човекови права, семејества на вработен во меѓународните организации, пристигна исто така вчера и дополнителна листа од НДИ кој список се обработува од страна на МНР, од страна на надлежните служби и ќе се постапи по нив.. Како се даваат одобренијата, така граѓаните можат да пристигнат. Меѓутоа имајќи предвид дека бројот на летови од Кабул е значително ограничен, оттука не можеме да кажеме кога точно тие цивили би пристигнале во државата, но потоа ќе бидат третирани согласно внатрешните правила на однесување и ќе бидат сместени во капацитети коишто ќе бидат обезбедени”, рече Османи на прс-конференцијата во МНР.

Најмалку меѓу 50 и 80 илјади луѓе соработници на силите на САД во Авганистан се соочуваат со реперкусии од Талибанците по повлекувањето на американската војска.