Само што се заокружи преименувањето на Македонија во Северна со ратификацијата на Преспански договор во Парламентот на Грција, Балканот се соочува со нов спор за името, овојпат на Република Српска.
Името на српскиот ентитет во Босна и Херцеговина го проблематизира најголемата бошњачка партија Странка за демократска акција (СДА). Таа планира да побара од Уставниот суд на БиХ промена на името на Република Српска поради наводна дискриминација на Бошњаците и на Хрватите.
„Време е да кажеме ‘доста’. Го прифативме името Република Српска бидејќи сакавме мир, но никогаш не прифативме дека тоа ќе биде ентитет во кој ќе бидеме понижени“, објаснува лидерот на СДА, Бакир Изетбеговиќ. „Намерата на СДА не е да се укине името на РС. Ќе побараме Бошњаците и Хрватите да бидат вклучени во сè, вклучувајќи го и името“.
На ова членот на тричленото претседателство на БиХ и лидер на босанските Срби, Милорад Додик, одговори дека нема да ја чека одлуката на Уставниот суд во Сараево, за кој е убеден дека „секогаш ќе пресудува против РС“.
„Ако оваа жалба биде прифатена од Уставен суд, ќе го сметаме тоа за флагрантно кршење на Дејтонски мировен договор и ќе свикаме седница на Парламентот на Република Српска за да се реши нејзиниот иден статус“, изјави тој. „Ако сакате да ја исфрлите Република Српска од Босна, тогаш го правите најдоброто можно нешто“.
За спорот за името на РС реагира и Делегација на Европска унија во Сараево.
„Ги повикуваме сите политички партии да се воздржат од политички маневри наменети за одвлекување на вниманието од вистинските проблеми со кои се соочува Босна“, соопштија од Делегацијата.




