Зачури и третиот оџак на РЕК Битола. Точно 14 месеци откако во пожар му изгоре трансформаторот, овој блок повторно произведува струја. Такс, најголемиот капацитет за производство на електрична енергија во земјава сега работи со полна пареа.
Инсталиран е нов трансформатор, кој два месеци патуваше од Турција кон Македонија, а стариот е на репарација во Хрватска. Откако ќе се поправи, ќе биде резерва, во случај на нова хаварија на некој од трансформаторите.

Земјава нема потреба од увоз на струја, оти сама си ја произведува, вели првиот човек на ЕСМ Васко Ковачевски, кој денеска во РЕК Битола беше домаќин на Премиерот Ковачевски и министерот за економија Бектеши, кој дојдоа да го обележат ставањето во мрежа на третиот блок. Сега дури и прехранбените компании, училиштата, болниците и водоводните претпријатија за кои ЕСМ доби обврска да ги снабдува со струја, ќе добиваат домашно произведена електрична енергија, вели директорот на државните електрани.
Граѓаните треба да бидат спокојни, оти струја ќе има без рестрикции, а цената нема да се зголемува, велат надлежните. Министерот Бектеши триумфално – паднаа во вода сите песимистички најави на некои експерти но и на лидерот на опозицијата дека нема да се справиме со енергетската криза.
Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски призна дека е загрижен за лошата хидролошка состојба на Тиквешкото езеро кое е само на три метри од минимумот, но се надева дека деновиве ќе има врнежи, кои ќе ја подобрат состојбата со сите акумулации.
Запрашан и за состојбата со набавката на природен гас, Ковачевски вели дека ако бугарската компанија „Балкан Јутилитис“ која го победи Макпетрол на тендерот за снабдување на топланите, не испорачува природен гас согласно Договорот, ќе биде активирана банкарската гаранција.





