Турција вчера ги повика амбасадорите на девет западни земји, вклучително и Соединетите Американски Држави и Шведска, за да ги критикува нивните одлуки за привремено затворање на дипломатските претставништва и издавање безбедносни предупредувања по инцидентите со палењето на Куранот во Европа, објави Ројтерс.
Повикани се и пратениците на Белгија, Франција, Германија, Италија, Холандија, Швајцарија и Велика Британија, соопштија извори од Министерството за надворешни работи во Анкара.
Во текот на изминатите две недели, екстремно десничарски активисти запалија копии од муслиманската света книга, Куранот, во Шведска, Данска и Холандија, дејствија што ја натераа Турција да ги прекине разговорите со цел да ги повлече своите приговори за влез на Шведска и Финска во НАТО.
Европските земји ги осудија инцидентите, но некои велат дека не можеле да ги спречат поради правилата за слобода на говорот.
Во изминатата недела, Франција, Германија, Италија и Соединетите држави беа меѓу оние кои ги предупредија своите граѓани за зголемен ризик од напади во Турција, особено против дипломатски мисии и немуслимански места за богослужба.







