По критиките за Карпалак, Шекеринска оддаде почит за Љуботенски Бачила – во касарната „Илинден“

Откако „не најде време“ за Карпалак, што предизвика лавина негативни реакции во јавноста, министерката за одбрана Радмила Шекеринска лично им оддаде почит на осумтемина бранители што загинаа на денешен ден кај Љуботенски Бачила во 2001 година.



Наместо на местото на погибијата, каде што камионот на АРМ нагази на две противтенковски мини поставени од ОНА и притоа осуммина загинаа, а уште толку беа повредени, вицепремиерката положи цвеќе на спомен-плочата во нивна чест во касарната Илинден.

„Денес во касарната ‘Илинден’ оддадовме почит на загинатите бранители кај месноста Љуботенски Бачила. Положив цвеќе на Спомен плочата поставена во нивна чест. Поминаа 19 години од трагичните настани, но споменот за сите загинати бранители во 2001 ќе остане вечно во нашите срца“, објави Шекеринска на социјалните мрежи.

Кај Љуботенски Бачила животот го загубија Томе Бадаревски (33), Марјанчо Бошковски (28), Томе Димовски (37), Ивица Златевски (24), Бранко Јанев (36), Раде Јанковски (32), Томислав Настевски (27) и Гоце Чанкуловски (39) од резервниот состав на Армијата на Република Македонија (АРМ).