По вицепремиерот за европска интеграција Никола Димитров, и Министерството за надворешни работи го отфрла тврдењето на шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева дека Македонија има под 50 проценти усогласеност со надворешната и безбедносна политика на Европската унија.
„Поради појавените информации во јавноста за усогласеноста на Република Северна Македонија со надворешната и безбедносна политика на Европската Унија, сакаме да информираме дека усогласеноста на Република Северна Македонија кон ставовите, декларациите и мерките на Европската Унија изнесува 94 отсто.
Илустративно, само во последната третина од 2020 година (периодот септември – декември 2020 година), Република Северна Македонија се има придружено на над 40 декларации на Европската Унија. Оваа практика продолжува и во првиот квартал на 2021 година.
Во моментов, во рамките на Министерството за надворешни работи се разгледува можноста за имплементација на политики со кои поскоро ќе се постигне целосна, или 100 отсто стапка на усогласеност со политиката на ЕУ“, соопштина од министерството на Бујар Османи.
Претходно, Димитров на Фејсбук ја нарече скандалозна изјавата на Захариева, додавајќи дека македонската усогласеност со ЕУ е 92 проценти.






