Откако официјална Софија ја покажа својата сила како членка на Европската унија, и Грција повторно покажува мускули кон Македонија, иако Владата на Заев веќе потпиша договори што сите освен Македонците ги оценуваат како историски.
Грчкото МНР во официјално соопштение ја повика Македонија да ги исполни сите критериуми договорени во март во Брисел.
Атина со дипломатски речник ни порача дека, покрај бугарските услови, има и посебни грчки услови.
Пред да почне да преговара, Македонија ќе мора да го спроведе целосно Преспанскиот договор, порачува грчката влада.
„Во врска со прашањето за проширување на ЕУ, алтернативниот министер ги повика Македонија и Албанија да продолжат кон исполнување на сите критериуми договорени во заклучоците од март. Тој особено се осврна на потребата Албанија да продолжи со неопходните реформи пред првата Меѓувладина конференција, како и на потребата Северна Македонија целосно да го спроведе Договорот од Преспа“, се вели во соопштението на грчкото МНР.
Претходно, Грција одби да ратификува неколку билатерални договори поради неисполнувањето на Преспанскиот договор од страна на Македонија.





