Новинарот на Слободен печат Срѓан Ивановиќ со многу иронија објави политичка сатира со која се осврнува на барањата кои Македонија ги добива години наназад од своите соседи:
Од Европската комисија утрово беа испорачани сите барања за ревидирање на историјата кои Македонија ќе треба да ги усогласи во своите историски учебници, доколку посакува да ги отпочне преговорите за полноправно членство во Европската Унија.
Барањата се претставени интегрално, со напомена дека ниту едно не смее да биде изоставено.
– Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен е загрижена поради нашата поговорка „да му умре кравата на комшијата“ и затоа инсистира поговорката да се укине со законска мерка.
– Здружението на Египјаните од Лион, порача дека спорот стар 2300 години се уште не е решен. Тие ѝ порачаа на Владата на Македонија, дека при изградбата на градот Александрија во Египет, подигнат во чест на Александар Македонски, не се извадени потребните градежни дозволи, ниту пак се платени комуналии.
– Велика Британија, која иако веќе не е членка на ЕУ, сепак, побарува делот од историјата во која македонските ученичиња учат за Британската империја, да биде заменет со терминот – Британска мошне ефикасна администрација.
– Франција, пак, бара да престанеме Владата од Виши, да ја нарекуваме квинслишка, со образложение дека им е незгодно.
– Од Здружението на рибари во покраината Рајнска област – Пфалц, Германија, инсистираат да престанеме да се фалиме со Охридската пастрмка, поради нивното тврдење дека највкусната риба се лови во реки, а не во езера.
– Од Алијансата на православни христијани од околината на Равена, Италија, се бара од Македонија да го признае нивното право на градење на црква веднаш до италијанската амбасада во Скопје, но и дозвола за отворање на продавница за продажба на сладолед(џелато).
– Културното катче на емигрантите од Тунис во Шпанија и Португалија, сметаат дека е време ние да се соочиме со фактите од историјата и да престанеме Ханибал Барка да го ословуваме како освојувач. Тие велат дека тој со своите пријатели бил на една подолга турнеја по Италија, а кој и не би бил, бидејќи земјата е прекрасна, што според нив е недвосмислен историски факт за неговото неосвојување.
– Од Чешка пристигна ултиматум да се престане со прераскажувањето на македонските градежни работници, кои за време на комунизмот работеле во Чехословачка и дошле во контакт со тамошните луѓе.
– Од Унгарија порачаа дека треба да ја признаеме реалноста и да се откажеме од Никола Груевски.
– Воените ветерани од Литванија сметаат дека ние сме стари Литванци, бидејќи „нија“ е содржано во имињата на двете земји.
– Од Ватикан порачаа дека треба да се откажеме од празнувањето на „Валентајн“, бидејќи тоа е празник на вљубените, кој ние погрешно сме го протолкувале. Од римската курија тврдат дека љубовта се однесува на свештениците и нивните хм…помлади практиканти.
– Последно, но не и помалку битно е стравувањето на филателистите од Шведска, кои сметаат дека со продажбата на Македонски пошти, ќе се намалат грешките во изработката на нашите поштенски марки, што би го намалило нивото на смеа и хумор кај нивните членови.
Срѓан Ивановиќ





