По 7 децении на тронот замина британската кралица Елизабета II

По седумдесет години на кралскиот трон денеска почина британската кралица со најдолг стаж Елизабета Втора која имаше 96 години.



Англиската кралица почина по кратко боледување откако беше под медицински надзор во нејзиниот замок Балморал во Шкотска.

Веста попладнево ја потврдија од Бакингемската палата.

Елизабета Втора беше монарх на Велика Британија и 14 други кралски земји на Комонвелтот и врховен поглавар на англиската црква. Таа се искачи на тронот на 6 февруари 1952 година, а свеченото крунисување, следната година, беше првото што се емитуваше на телевизија.

Нејзиниот престој на тронот од 70 години го одбележаа и низа геополитички настани, почетокот и крајот на Студената војна, формирањето на Европската унија и излегувањето на самото Обединето Кралство од неа.