На синоќешната седница владата донесе одлука да им се исплати по 5.500 денари отштета поради неоправдана осуда на осудените во судскиот процес „Сопот“. или по безмалку 90 евра за секој ден минат во притвор, домашен притвор или во затвор.
Ќе бидат надоместени и трошоците во постапка на тужителите во висина утврдена од страна на судот, одлучи вадата.
Судскиот процес за случајот „Сопот“ во кој 11 лица беа обвинети за тероризам е поврзан со настан од 4 март 2003 година кога загинаа двајца полски војници на НАТО и еден цивил во подметната експлозивна направа под нивниот џип.
Осум години подоцна беше донесена пресудата против 11 лица, а 4 години подоцна, во една од „бомбите“ на СДСМ меѓу министерката Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков јавноста дозна дека тоа била политичка пресуда заснована на изнудена изјава добиена со примена на сила.
Тие беа осудени на вкупно 156 години затвор.
Но, само шестмина од 11 осудени ќе добијат оштета од државата, петмина нема да бидат обесштетени – 4 од нив беа во бегство, додека, пак, единаесетиот, Самет Лимани, почина во 2013 година, дознава Фокус.




