После 3 децении, Владата донесе одлука со која се предвидува реализација на најважниот енергетски проект во Македонија, хидроцентралата Чебрен, а одбрана е грчка компанија.
„Согласно Извештајот на Комисијата, Владата на 185-тата седница, донесе Одлука за избор на најповолна понуда за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река која се доделува на понудувачот PUBLIC POWER CORPORATION S.A. – Greece & ARCHIRODON GROUP N.V. – Greece, односно ППЦ-Архиродон, а во согласност со тендерската документација и договорот за концесија кој беше дел на тендерската документација“, велат од Владата.
Понудувачот ППЦ-Архиродон е избрана за најповолна, со оглед на тоа што понудувачот ги исполнил условите содржани во јавниот повик и тендерската документација и доставил најповолна понуда.
„Според донесената Одлука, избраниот понудувач има обврска во рок од 3 месеци да го склучи Договорот за заедничко вложување и да основаат акционерско друштво со АД ЕСМ, во кое што АД ЕСМ учествува со 33% од акционерскиот капитал. Регистрираното друштво е должно во согласност со одредбите на Законот за водите, а пред потпишување на договорот за концесија, да обезбеди дозвола за користење на водата. Со оваа одлука се овозможува реализација на еден од најголемите и најважните енергетски проекти во Република Северна Македонија. Проценетата вредност на инвестицијата е околу 1 милијарда евра со која е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала Чебрен, со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW. ХЦ Чебрен е предвидено да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река предвидено е создавање ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава“, додаваат од Владата.
Градбата е предвидено да трае 7 години.
Досега за Чебрен има 13 неуспешни тендери за доделување концесии за Црна Река во период од последните 20 години






