Скопското обвинителство му предложи на Судот казна од по 3.600 евра на двајца браќа од Сарај заразени со коронавирус, кои се обиделе да отпатуваат со авион од аеродромот во Скопје со лажни потврди за негативни ПЦР-тестови.



Браќата на возраст од 24 и 26 години се обиделе да ја напуштат Македонија на 7 април, иако со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат им биле наложени задолжителни изолација и лечење во домашни услови како потврдени случаи на Ковид-19.

„На овластените службеници на аеродромот тие им покажале лажни потврди за негативен ПЦР-тест за коронавирус, наводно направен во лабораторија во Скопје, кои ги добиле истиот ден кога всушност добиле позитивен резултат. Иако знаеле дека таков сертификат не им е издаден од наведената лабораторија, потврдите, сепак, ги употребиле како да се вистински, со што извршиле две кривични дела“, велат од Скопското обвинителство.

Предлогот за издавање казнен налог од по 90 дневни глоби по 40 евра во денарска противвредност е поднесен поради кривичните дела „непостапување по здравствените прописи во време на епидемија“ и „фалсификување исправа“.