Македонија располага со баталјон за набљудување на воздушниот простор, но евентуалната реакција на воздухопловите на сојузниците од НАТО ќе дојде откако од АРМ ќе го информираат регионалниот центар во Лариса, Грција, а од грчката армија ќе се прејават во Шпанија, дознава Плусинфо.



Темата кој го чува македонското небо се наметна откако во период од три дена паднаа дронови со „неидентификувано“ потекло врз две членки на НАТО, а притоа летале исто така преку земји членки на Алијансата.

„Во состав на Армијата постои баталјон за воздушно набљудување и јавување во чиј состав се наоѓа Центар за командување и контрола со воздушниот простор кој врши координација со соседните центри за воздушно набљудување, со М-НАВ, со Центарот за воздухопловни операции во Лариса, вклучително и главниот центар за воздухопловни операции на НАТО во Торехон, Шпанија кој е одговорен за државите на јужното крило на НАТО.

…Доколку по деталните проверки во меѓусебна координација се утврди дека одреден воздухоплов претставува закана за воздушниот суверенитет на државата, преку ланецот на командување и контрола се известува државниот авторитет одговорен за донесување на одлуки, по што во координација со Центарот во Торехон се донесува конечна одлука за ангажирање на воздухоплови од НАТО кои се дел од воздухопловното набљудување со што се превземаат потребни мерки (принудно слетување, употреба на сила/вооружување)“, објаснуваа од министерството, пишува порталот.