Нема попрецизно објаснување зошто американскиот Стејт департмент да го стави на „црна листа“ градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.
Иако тој често е присутен во медиумите со скандали, контроверни изјави и потези, ниту од домашните реакции не може да се каже што точно му се става на товар на градоначаникот на Струга, пишува Плусинфо.
Порталот потсетува дека иако во соопштението од Стејт департментот се вели дека се работи за „злоупотреба на средства и мешање во судските постапки“, во Македонија против Мерко не се води постапка за корупција.
„Досега Јавното обвинителство за оранизиран криминал и корупција отворило предистражна постапка за Мерко поради набавката на четири службени возила меѓу кои и неговото Ауди А6“ потсетува Плусинфо.
Вкупната вредност на набавените возила изнесува 114 илјади евра, а само аудито чинело 66 илјади евра.
Набавката на овие возила беше во 2018 година, кога општината имаше неподмирен долг од близу 4 милиони евра.
Предметот е поднесен од страна на Антикорупциска, која бара кривична одговорност од струшкиот градоначалник поради злоупотреба на службената положба, но засега нема исход од оваа постапка.
На адреса на Мерко во јавноста беа изнесени повеќе обвиненија за злуопотреби, кои доаѓаат од неговите политички ривали.
Алијанса на Албанците на прес конференција на 27. октомври 2021 година изнела обвинувања дека трансакции oд милиони евра за улично осветлување на Струга се слеваат на сметки на актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат Рамиз Мерко и неговиот близок соработник на Армен Кадриу
„Идриз Истрефи од Алијанса за Албанците тогаш обвини дека „станува збор за изнуда и кражба на милиони евра од буџетот на граѓаните на Струга од страна на двојката Рамиз Мерко – Армен Кадриу.
Тој додаде дека станува збор за милионски суми евра уплатени од Сити лајт „на приватната сметка на Армен Кадриу и неговото семејство и на сметката на приватниот универзитет на Мерко“.
За да биде скандалот поголем, вели партиајта, Владата во тој период исплатила 50 отсто од долговите на општините, над 2 милиони евра, а тој веднаш и исплатил 1,2 милиони евра на Сити лајт, пишува Плусинфо.








