Плусинфо располага со фотографии од најважните делови од Договорот за Коридорот 8 (Гостивар – Букојчани и Требеништа – Струга – делницата на експресниот пат Ќафасан) и Коридорот 10 (експресниот пат Прилеп – Битола).
Исто така, и со фотографии од еден од придружните документи насловен како Schedule 18 – Qualifications and Assumptions. Станува збор за обемен материјал од вкупно 438 страници, кој ги дефинира сите детали од Договорот помеѓу нашата држава, која во случајов се јавува како Работодавец и конзорциумот „Бехтел и Енка“, кој е во улогата на Контрактор, објави Плусинфо.
Договорот предвидува на Контракторот да му се овозможи работниците да работат 60 часа неделно, предвидена е милионска казна доколку ова не се исполни или ако поради ова се продолжи рокот за изградба, пенеали во висина од 900.000 евра месечно…
Плусинфо јавно ги прашува потписниците од Македонска страна на договорот со „Бехтел и Енка“, како и сите надлежни органи кои имале свој удел во зделката:
Колку пари еднократно треба да му бидат исплатени на конзорциумот „Бехтел и Енка“, во случај да не се обезбеди 60-часовна работна недела за персоналот што ќе работи на коридорите? Дали сумата од 53 милиони евра е точна?
Колку вкупно пенали ќе се исплаќаат на месечно ниво, доколку не поминат законските измени за продолжување на работната недела за персоналот на „Бехтел и Енка“? Колку ќе биде вкупната сума пенали што ќе бидат исплатени на месечна основа во договорниот период?
Зошто Работодавецот прифатил ваков услов во договорот, знаејќи дека законските измени ќе доведат до дискриминација и до нерамноправен третман на работниците на пазарот на трудот, што може да биде основа законските измени, ако се усвојат, утре да бидат поништени од страна на Уставниот суд?






