Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска ќе пристигне во официјална посета на Македонија.
Пленковиќ и неговата делегација, на платото пред Владата ќе ги пречека премиерот Димитар Ковачевски и владината делегација со официјална церемонија за пречек со највисоки државни и воени почести.
Според агендата за официјалната посета на хрватскиот премиер, Пленковиќ на земјава, веднаш по церемонијата на пречекот е предвидена тет-а-тет средба со премиерот Ковачевски, по што ќе следува билатерална средба на двете делегации.
Пленковиќ за време на официјалната посета ќе биде примен и од претседателот Стево Пендаровски, како и од собранискиот претседател Талат Џафери, а ќе се обрати и пред пратениците во Собранието.
Посетата на хрватскиот премиер доаѓа во време кога во тек е темата уставните измени, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ предложи Уставот да биде по хрватски терк, односно Македонија да се дефинира како унитарна држава на македонскиот народ и на сите останати малцинства.
Ова во старт е одбиено од дел албанските партии, а лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари смета дека поприфатливо за Македонија е Устав по швајцарски или белгиски модел со оглед на тоа што смета дека Македонија треба да се дефинира како држава на македонскиот и албанскиот народи и сите останати.
Во хрватскиот устав се признати 22 малцинства.
По средбите Пленковиќ и Ковачевски, ќе одржат заедничка прес-конференција.






